Трикови со кои можете да проверите дали има скриена камера во изнајмен стан

Знаевте ли дека камерата и блицот од вашиот смартфон можат да ви помогнат да лоцирате скриена камера?

Трикови со кои можете да проверите дали има скриена камера во изнајмен стан

Сите нè лазат морници од помислата некој да нè снима без наше знаење додека сме во хотел, некој изнајмен стан, па дури и соблекувална во продавница за облека.

За жал, иако можеби се ретки, ваквите ситуации сепак се реалност.

Камерите што се користат за шпионирање се минијатурни и обично се умешно скриени, па доколку не знаете што барате, може да ви биде тешко да ги лоцирате.

Па, како да најдете скриена камера?

Мора да знаете што барате
Како што напоменавме, камерите за шпионирање се минијатурни и лесно можат да се скријат на разни места.

Некои камери снимаат постојано, а некои имаат сензор – се активираат откако ќе детектираат движење.

Но, она што им е заедничко на сите е фактот дека треба да се поставени на место каде што имаат добар, непречен поглед кон просторијата.

Најпрво разгледајте ја собата
Добро разгледајте ја собата и обрнете внимание на сите детали – дали на некој украс има нешто необично, дали има кабел кој не изгледа како да е поврзан со апаратите во собата, дали има предмети поставени на необично место…

Проверете дали има некакво зуење во собата
Иако камерите за шпионирање се дизајнирани за да бидат што е можно подискретни, некои модели сепак испуштаат суптилен звук на зуење кога работат.

Па, обрнете внимание на сите звуци во собата.

Добро проверете ги местата од кои има добар видик
Проверете ги украсите и предметите во собата во кои би можело да се скрие камера, а кои се поставени така што имаат добар поглед кон собата.

Проверете и дали има сосема непотребни предмети, како некој расипан и неупотреблив електронски уред, кој сепак стои во собата.

Некои од најчестите места за криење вакви камери се играчки, електронски уреди, детектори за чад, ѕидни часовници и генерално украси кои лесно се камуфлираат во ентериерот.

Пребарајте ја собата со батериска ламба (или блицот од вашиот телефон)
Ова е најдобро да го правите навечер, со исклучени светилки.

Откако ќе ја затемните просторијата, внимателно проверете ја целата соба со батериска ламба или блиц.

Бидејќи леќите на камерите се направени од стакло, светлината од блицот ќе се рефлектира и полесно ќе ја забележите.

Искористете ја камерата од телефонот
Камерите за шпионирање емитуваат инфрацрвена светлина, а камерата од телефонот може да ги забележи овие зраци.

Најпрво треба да проверите која од камерите на телефонот (предната или задната) може да ги детектира овие зраци, бидејќи на некои модели камерите имаат филтри за инфрацрвени зраци.

За ова, само насочете ја камерата кон малата сијаличка на далечинскиот управувач за телевизор и стиснете некое копче. Ако забележите мал блесок од сијаличката на далечинскиот управувач, тоа значи дека камерата ги детектира инфрацрвените зраци.

Потоа, затемнете ја просторијата и проверете ја со помош на камерата на телефонот.

Што да правите ако најдете камера?
Ако најдете камера, немојте да ја отстранувате или допирате, бидејќи со тоа ќе го уништите доказот.

Најдобро е да се консултирате со полиција, па тие ќе ви кажат кој може да биде вашиот следен чекор.

Доколку сте во изнајмена соба, немојте веднаш да го напаѓате сопственикот бидејќи камерата може да биде инсталирана и од некој друг гостин, без негово знаење.