МОН: Со европски грант 25 училишта ќе добијат соларни фотоволтаични системи

Со инсталирање на соларни фотоволтаични системи, Министерството за образование и наука (МОН) ќе ја подобрува енергетската ефикасност на основните и средните училишта преку проект со грант од 1,1 милион евра обезбеден од Банката за развој на Советот на Европа.

Од МОН велат дека Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, овозможил инвестирање во енергетската ефикасност на најмалку 25 училишта.

„Ефектот е двоен – правиме замена на енергија базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија и истовремено имаме заштеди кај сметките за енергија. Овие средства ќе се реинвестираат во подобрување на условите во училиштата“, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири по одобрувањето на грантот.

Училиштата опфатени со новиот проект претходно беа реконструирани со заем од Банката за развој при Советот на Европа.

Од МОН додаваат дека препознавањето на потребите за зелена транзиција е интегрирано во образовниот систем. Обука за интегрирање на образованието за животната средина и климатските промени во наставните програми следеле 121 наставник, а целта е во текот на образовниот процес учениците да развијат компетенции, да стекнат знаења, вештини и ставови неопходни за заштита на животната средина.