31 година откако Македонија официјално доби сопствена валута – “денар”

На денешен ден, 26 април, во 1992 година, денарот стана официјална валута на Република Македонија.

Денес, во Република Македонија во оптек се метални монети со деноминации од 1, 2, 5, 10 и 50 денари, како и хартиени банкноти со деноминации од 10, 50, 100, 200, 500, 1000 и 2000 денари. Банкнотите од 10 и 50 денари кои се влезени во оптег 1996 година се заменети со нови, полимерни банкноти, а истите се повлечени од оптек. Банкнотата од 5000 денари исто така е повлечена од оптек.

Еден денар се состои од 100 дени, но дените повеќе не се користат.

Името „денар“ потекнува од староримската монетарна единица „денариј“ и претставува израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот периоди. Предлогот за името бил даден од страна на академик Петар Илиевски. Претходно, на состаноците на Комисијата за монетарен систем биле разгледувани неколку предлози за името на македонската валута, како: „македонски динар“ или „лав“, “статер” според античката македонска монета.

Првиот премиер на Република Македонија Никола Кљусев од собраниската говорница ги презентирал првите македонски пари – денари – со зборовите:

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени“.

На 27 април 1992 година започнала замената на книжните југословенски динари со вредносни бонови во однос 1:1, при што замената траела три дена. Книжните пари што гласеле на југословенски динари дефинитивно престанале да важат како платежно средство во Република Македонија на 29 април 1992, додека кованите пари со апоенска вредност од 1, 2 и од 5 југословенски динари останале во оптек уште една година.