Што изјавуваше велешанецот Зоран Тодоровски откако во 2008 година го уби својот брат Ане – „Во притвор 4 пати се обидов да се самоубијам“

Во март 2009-та година, велешанецот Зоран Тодоровски кој вчера се самоуби откако утрото ја застрела својата 25 годишна невенчана сопруга, бил осуден на 13 години затвор бидејќи на 5-ти декември 2008-ма година година по меѓусебна расправија го уби брата си Ане Тодоровски (35 год).

Зоран тогаш беше прогласен за виновен и Основниот суд во Велес пресуди дека убиството го сторил со умисла, а како олеснителна околност беше земена во предвид неговата младост. Во завршниот збор обвинетиот тогаш изјави дека се кае и многу ми е жал за стореното дело.

– Иако со брат ми не живеевме повеќе години, не значи дека нe го сакам. Се каам за тоа што го сторив, во притвор четири пати се обидов да се самоубијам бидејќи многу ми е жал за братот – изјави тогаш Зоран Тодоровски.

Причина за расправијата по која Зоран со три убоди од нож го усмртил брата си биле нарушените односи од поодамна поради тоа што Зоран украл злато во вредност од 500 евра од Ане.

Сведок на смртта на татка си бил синот Виктор. Психијатриското вештачење покажало дека во моментот на чинот Зоран Тодоровски бил целосно пресметлив и свесен за последиците.

За разлика од Зоран, кој не покажа многу емоции, пишуваа тогаш медиумите, сопругата на убиениот, Павлина, низ солзи ги раскажа сите детали од убиството.

– Ане беше возач и претпладнето си дојде дома по десетдневно отсуство. Сакаше да се одмори. Но, околу ручек се слушаше гласна музика од долниот кат. Тој на ова реагираше со тропање по подот. Се качи татко му, а Ане луто рече да го смират Зоран бидејќи вака не се живее. Потоа само видов сенка и сопругот ми падна на раце со зборовите, „ме закла“. Сведок на убиството беше синот Виктор, кој само што стигна од училиште и немаше време да се израдува на татка си. Тој и денес ги чувстува последиците од трагедијата, поради што го носам на психијатар – изјави сопругата Павлина. Таа по убиството се иселила од семејната куќа бидејќи таму имала лоши спомени. И таа и свекорот Ѓоре, татко на Ане и на Зоран, посведочија дека нарушените односи помеѓу браќата траеле подолго време, откако Зоран украл злато во вредност од 500 евра од Ане. Но, двајцата не беа согласни во тврдењето дека музиката била гласна. Таткото причините за убиството ги припиша на лошиот живот на Зоран, кој уште од мали нозе, од 15 години, влегол во шемата на лихварите. Поради неговите долгови, целото семејство со години ги чувствувало проблемите и се задолжувало, а Зоран имал и условна затворска казна. Убиството се случило на 5 декември лани кога Зоран во семејната куќа со три убода со нож, од кој еден во срце, го убил брата си. Ане искрвавил до смрт, а Зоран избегал од дома по што се обидел да се качи во такси. Таксистите одбиле да го возат кога го виделе крвав и со нож, по што полицијата го фатила осомничениот, објави тогаш весникот Дневник.