Снимка од тепањето на Христијан Пендиков

Охридското обвинителство ги презентираше материјалните докази меѓу кои и видео-снимка како доказ на која се гледа како три лица го тепаат Христијан Пендиков вечерта на 19 јануари во центарот на Охрид.

„На прикажаната снимка се гледа едно машко лице кое личи на обвинетиот Илија Спасески и застанува пред едно лице кое личи на оштетениот Христијан Пендиков. Лицето кое личи на Спасески замавнува со десната рака во висина на лицето. Истото лице му задава уште еден удар во пределот на грбот кај вратот“, образложи обвинителката.

Адвокатот на обвинетиот Спасески побара судот да не го прифати објаснувањето на обвинителството дека неговиот клиент е напаѓачот затоа што не може да се утврди идентитетот и на другите двајца на видео-снимката.

– Обвинителката не покажа дека лицето кое го тепа Пендиков е обвинетиот Спасески. Пендиков во интервју за бугарска телевизија различен исказ во однос на она што се гледа на снимката. Тој тврди дека бил удиран со нозе, но тука се гледа дека е удрен еднаш со нога. При немање доказ врз основа на кој може да се утврди идентитетот на другите две лица, судот не треба да го прифати наводот на обвинителот дека напаѓачот е лице кое личи на Илија Спасески – рече адвокатот на обвинетиот Димитар Цобоски.

Судијата Бојан Мартиноски рече дека мора да се испита оштетениот за да се расчистат сите дилеми во однос на различните искази.
Ќе го испитаме Пендиков, верувам дека ќе дојде и ќе ги расчистиме сите дилеми во однос на неговиот исказ. Во негов интерес е да се појави затоа што е клучен сведок – рече судијата.

Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, претходно рече дека не се чувствува за виновен во случајот Пендиков во кој е обвинет дека заедно со уште едно лице го претепале охриѓанецот.
– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид кој го води судијата Бојан Мартиноски.

На Спасески му се суди за кривично дело напад од омраза со тешки повреди.

Неговиот адвокат Димитрија Цобоски рече дека обвинетиот Илија Спасески бил мирно момче кое работи како професор по физичко во училиште и учествува во образовен процес и дека досега не е осудуван и против него не се води постапка.

Јавниот обвинител во случајот со нападот на Христијан Пендиков во Охрид остана на ставот дека ќе успее да докаже дека охриѓанецот бил претепан од обвинетиот Илија Спасески и негов пријател поради тоа што се чувствувал Бугарин, објаснувајќи го во детали инцидентот.

Оштетениот Христијан Пендиков не присуствува затоа што треба да се направат дополнителни испитувања, а обвинителство се надева дека наскоро тој ќе се појави, истакна неговиот адвокат Стефан Камишевски на второто рочиште од судскиот процес против неговите напаѓачи.

Извор: а1он.мк