Секоја година 1.200 малолетници умираат од загадување на воздухот во Европа

Загадувањето на воздухот предизвикува смрт на повеќе од 1.200 малолетници во Европа годишно, проценува Европската агенција за животна средина (ЕЕА) во извештај објавен денеска.

– Децата се особено ранливи на загадувањето на воздухот, од моментот кога се во утробата до полнолетство, забележа агенцијата со седиште во Копенхаген, додавајќи дека лошиот воздух исто така ги става децата во поголем ризик од хронични болести во зрелоста.

Загадувањето треба да се решава од изворот, се залагаат експертите на агенцијата, велејќи дека емисиите од сообраќајот, индустријата и греењето мора побрзо да се намалат.

Една од практичните мерки за кои се залагаат е подобрување на квалитетот на воздухот во близина на училиштата и градинките, на пример преку создавање повеќе зелени површини.

И покрај подобрувањата во последните години, нивоата на главните загадувачи во многу европски земји остануваат над границите препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), се вели во друг извештај на ЕЕА.

Проблемите се особено присутни во градовите. Повеќе од 90 проценти од урбаното население во 2021 година во земјите на ЕУ морало да живее со нивоа на ситна прашина (PM2,5), озон (О3) и азот диоксид (NO2) кои биле над препораките на СЗО. Ова особено се однесува на Централна и Источна Европа, како и Италија.

Главната причина за загадувањето со ситна прашина е употребата на цврсти горива како што е јагленот за греење во индустријата.

Проценетите 1.200 предвремени смртни случаи меѓу малолетниците ги опфаќаат земјите-членки на ЕЕА, меѓу кои и Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Турција, покрај 27-те земји на ЕУ.

– Не можеме да ги сметаме децата како мали возрасни кога станува збор за еколошките ризици и загадувањето на воздухот, изјави експертот за загадување на воздухот од ЕЕА, Херардо Санчез Мартинез. „Побрзо им е дишењето, повеќе дишат преку уста, поблиску се до земјата“, истакна тој.