САД: Не правиме иста грешка | Државата нема да и помогне на банкротираната американска банка

Во изјава за “CBS News”, американската министерка за финансии Џенет Јелен денеска кажа дека федералната влада нема да и помогне на Silicon Valley Bank (SVB) која банкротираше, туку работи на помош на нејзините корисници.

Silicon Valley Bank (SVB) беше затворена пред два дена, што е најголем колапс на банка од 2008 година, кога Вашингтон Мјутуел пропадна во екот на светската финансиска криза.

Иако во 2008 година одлуката на американската влада, односно администрацијата на претседателот Барак Обама беше да обезбеди финансиска помош на пропаднатите финансиски институции, овојпат тоа нема да биде случај.

Федерална корпорација за осигурување осигурува депозити до 250.000 долари, но многу клиенти на банката имаа повеќе од таа сума на нивните сметки. Се стравува дека дел од работниците нема да си ги земат платите.

Јелен нагласи дека ситуацијата е многу поразлична од финансиската криза од пред 15 години, поради која државата морала да ги спасува банките за да ја заштити индустријата.

„Нема да го повториме тоа. Но, ние сме загрижени за штедачите и се обидуваме да ги задоволиме нивните потреби“, рече таа. Јелен се обиде да ги увери Американците дека нема да има домино ефект по колапсот на Silicon Valley Bank.

„Американскиот банкарски систем е навистина безбеден и добро капитализиран. Тој е еластичен“, рече таа.