Продолжува судењето за модуларната болница во Тетово

Во Основниот суд во Тетово за денеска е закажано продолжението на судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово, кога загинаа 14 луѓе.

На 16 јануари годинава немаше рочиште и судењето беше одложено за денеска поради отсуство на еден од обвинетите, економскиот директор на Клиничката болница Артан Етеми, кој имаше смртен случај.

За продолжување на судењето предвидено е свои искази да дадат сведоци предложени од Обвинителството, кои минатиот пат беа поучени дека треба да дојдат повторно на 31 јануари.

На последното рочиште на 27 декември 2022 година претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември 2022 година откако од септември 2022 година до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.