Приредувачите на игри на среќа бараат да е обратат во Парламентот пред да се донесе Законот за игри на среќа

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) во која членуваат трговските друштва кои организираат игри на среќа во автомат клубови и казина, претставници на Новоматик и Апекс од Република Австрија побара да се обрати на седницата на Комисијата за европски прашања кога ќе се разгледува Предлогот на законот за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри.

Велат барањето е согласно со член 122 став од Деловникот за работа на Собранието.

Наша должност е да ги информираме народните избраници за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку законски измени бидат изгласани од Собранието со решенијата кои се дел од предложените законски измени, додаваат од Асоцијацијата.

Според нив, постоечото законско решение е најстрого во светот. Додаваат дека не се против измени, но се против погрешни, противуставни и популистички мотивирани законски измени.

Затоа, на 16 ноември 2022 со писмени барања адресирани до Владата и Министерството за финансии побаравме нашите правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени. За жал, и покрај писменото ветување на Министерството за финансии од 19.12.2022 дека после изготвувањето на првичниот драфт на измените ќе ни се овозможи како засегната страна да се вклучиме со свои мислења и коментари, тоа не се случи. Напротив, Владата од необјасниви причини одлучи на предложените измени да им стави Европско знаме, што никогаш претходно не било собраниска пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации, се вели во соопштението од АПИС.

Бараат да бидат сослушани и да бидат земени предвид нивните знаења, со цел да се изработи одржливо законско решение што е во согласност со највисоките светски стандарди.

Досега како Групација во Република Македонија сме инвестирале 124 милиони евра, имаме тековни инвестиции од дополнителни 30 милиони евра, вработуваме илјадници луѓе. Како општествено одговорни компании донираме во јавното здравство, спортот, културата и постојано учествуваме или сме покровители на хуманитарни акции. Целата економска дејност – игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра во буџетот, што е зафаќање од 6 проценти од приходната страна на централниот Буџет предвиден за 2023 година, додаваат од Асоцијацијата.