Почина бебе во битолската болница само два часа по породувањето

Бебе по два часа од породувањето починало во болницата во Битола. Тоа е првороденче на 24-годишната мајка која е задржана во болницата. Во болницата дојде и министерот за здравство Фатмир Меџити кој најави дека случајот ќе биде испитан, но не сакаше да прејудицира дали можеби станува збор за лекарска грешка. Лекарите пак, на новинарите им изјавиле дека станувало збор за исклучително тешко породување и дека состојбата на бебето била уште веднаш многу сериозна. И покрај напорите за реанимација бебето починало по само два часа.

Министерот најави дека во текот на утрешниот ден во битолската болница ќе дојде тим од Државен здравствен и санитарен инспекторат, комисија од инспектори и ќе утврдат што било точно причината за смртта на бебето.

Тој рече дека разговарал со лекарите, разговарал и со мајката.

Мајката вчера била примена во болницата со породилни болки, а лекарите велат дека во текот на бременоста немала проблеми, односно имала нормален тек на бременост. Таа е во релативно добра здравствена состојба.