Полицаец уби мигрант кај Гевгелија

Околу 6.20 часот во Гевгелија, кај Касарната, бил застрелан мигрант откако полицаец пукал по обидот на еден од криумчарите на мигрантите да му го одземе пиштолот.
Веста ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова.

– Од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К. Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош каде починал – информираше Трајанова.

За настанот бил известен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот.

На местото бил извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.