Папата: Сексот е една од најубавите работи што ги создал Бог, ЛГБТ лицата се добредојдени во Црквата

Папата Франциск во документарниот филм „Папата одговара“, зборуваше за „доблестите на сексот“ и го опиша како „една од најубавите работи што Бог и ги дал на човечката личност“.

Во документарниот филм наречен “Папата одговара”, кој го објави продуцентската куќа „Дизни+“, папата беше прикажан на средба со десет млади луѓе во раните дваесетти години.Средбата минатата година се одржа во Рим.

Се вели дека на овој собир имало дискусии на различни теми, како што се правата на ЛГБТ, абортусот, порно индустријата, односот меѓу сексот и религијата и сексуалната злоупотреба во католичката црква, пренесува Ројтерс.

„Сексот е една од најубавите работи што Бог и ги подарил на човечката личност. Богатство е да се изразиш преку секс. Затоа, сè што го намалува вистинското сексуално изразување, ве намалува и го исцрпува ова богатство“, рече Папата.

На прашањето дали знае што се „небинарни личности“, папата одговори потврдно.

Тој ги коментираше и правата на ЛГБТ лицата и го повтори ставот дека тие мора да бидат добредојдени во Католичката црква.

„Сите луѓе се Божји деца, сите луѓе. Бог никого не отфрла, Бог е татко. Немам право никого да избркам од Црквата“, рече тој.

Зборувајќи за абортусот, папата Франциск рече дека свештениците треба да бидат милосрдни кон жените кои ја прекинале бременоста, но истакна: „Добро е работите да се нарекуваат со вистинското име“. Едно е односот кон тој што абортирал, а друго е да се оправда тој чин“.

Изјавите на Папата ги објави и официјалниот ватикански весник L’Oservatore Romano, кој го опиша неговиот разговор со младите како „отворен и искрен дијалог“.