Охридскиот бугарски клуб сам ќе си даде нов назив, поднеле документи во Централниот регистар

Здружението „Цар Борис III“ поднело дополнителни документи до Централниот регистар за усогласување со Законот за здруженијата и фондации и со тоа доби дополнително време, односно предметот за ова здружение не е разгледуван на вчерашната седница на Комисијата за употреба на имиња.

Комисијата вчера донесе негативно мислење за употреба на името „Иван Михајлов“, а за „Цар Борис III“ добила известување дека здруженето поднело дополнителна документација за да се усогласи со Законот. Ова значи дека здружението на Бугари „Цар Борис III“ со седиште во Охрид самото ќе си даде нов назив и нема да биде избришано од Централниот регистар, што пак се очекува следната недела да се случи со здружението на Бугари „Иван Михајлов“ со седиште во Битола.

Од Министерството за правда велат дека Комисијата за имиња ќе продолжи да работи, ќе ги разгледува и сите останати 17.000 регистрирани здруженија во Македонија, а ќе заседава и секогаш кога во Централниот регистар ќе се појави барање за упис на здружение или фондација со назив со име на историска личност.