МКД.мк со детали: Излегле од црно „ауди“ и пукале, убиени две лица, автомобилот потоа запален

Четири вооружени лица облечени во црно, некои очевидци велат во црни униформи, со лица скриени со фантомки, излегле од автомобил „ауди А6“ и влегле во кафулето Шиша бар под Калето. Се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат и влегле во „мониторинг“ салата, каде што извикале „рација“ и испукале неколку куршуми, дознава МКД.мк. Од истрелите две лица биле убиени на самото место, а едно е рането.

Според нашите извори, убиени се Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исеинов со прекар Лаци. Според некои информации до кои дојдовме станува збор за крвна одмазда која своите корени ги влече во претходни убиства во населбата Чаир.

По убиството, со „аудито“ четитите лица го напуштиле местото, а наскоро возилото било полиено со бензин и запалено, а за тоа сведочи само регистерската табличка од која фотографија објавуваме.

МВР официјално потврди дека во Старата скопска чаршија има двојно убиство.

„Бо СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“. се вели во официјалната информација на МВР.

Според болнички информации, ранетото лице било донесено со приватен автомобил и по интервенција врз прострелните рани на левото стопало и на десната потколеница е пуштено дома. Според други, исто така неофицијални информации, и ранетото лице нешто подоцна им подлегнало на повредите.

Полициски сили го обезбедуваат местото на убиствата, како и приодите кон скопското Кале.