Маск му се извини на вработен кој на Твитер го праша дали е отпуштен

Извршниот директор на Твитер Илон Маск се извини за начинот на кој комуницирал со вработен кој преку социјалната мрежа му постави прашање. „Вашиот шеф за човечки ресурси не може да потврди дали сум вработен или не“, напиша вработениот Хали Торлеифсон на Твитер. „Каква работа работеше?“, му одговори Маск со прашање.

Торлеифсон потврди дека по серија дополнителни прашања и одговори, добил е-пошта во која се потврдува дека е отпуштен. Маск го опиша Торлеифсон како „најлошиот“ во објава на Твитер, но објавата подоцна ја избриша. По неколку часа, тој му се извини на Торлеифсон.

„Би сакал да му се извинам на Хали за моето погрешно разбирање на неговата ситуација. Се засноваше на работи за кои ми кажаа дека се невистинити или, во некои случаи, вистинити, но незначителни. Тој размислува да остане во Твитер“, напиша шефот на Твитер, пренесува Би-би-си.

Торлеифсон во понеделникот за Би-би-си изјави дека не може да добие одговор од одделот за човечки ресурси на Твитер за тоа дали е отпуштен или не. „Моја теорија е дека тие направија грешка и сега бараат сè што можат да најдат за да го направат ова праведно отпуштање за да избегнат исполнување на своите договорни обврски“, рече тој.

Инаку, Торлеифсон ја продаде својата креативна агенција Уено на Твитер во 2021 година, но не сакаше да каже за која сума. Сепак, се шпекулира дека Твитер ќе мора да му плати голема сума по неговото заминување од компанијата. Торлеифсон има мускулна дистрофија и водел кампања во Исланд за подобар пристап на инвалидските колички.

Според локалните медиуми, кога ја продал својата компанија на Твитер, тој намерно го структурирал договорот за да плати висока даночна стапка на исландската влада. Минатата година четири медиуми го прогласија за личност на годината во Исланд. Поранешни колеги набрзо го поддржаа Торлеифсон, истакнувајќи дека не разбираат зошто му се заканува отказ.

„Како некој кој работел директно со него, ова е разочарувачки. Не само што неговата работна етика е на врвно ниво, туку и неговиот талент и понизност се светска класа“, изјави фотографот Даниел Хотон.

Маск подоцна се осврна на објавата на Хотон. „Врз основа на вашиот коментар, што туку направив видео повик со Хали за да ја дознаам вистината. Тоа е долга приказна. Подобро да разговарате со луѓето отколку да комуницирате преку твитови“, нагласи тој. Маск изјави дека Торлеифсон размислува за враќање во Твитер.