Еве што се крие зад фотографијата „риба-горила“ која го обиколи светот (ФОТО)

Фотографија од огромна риба со необично лице кое неверојатно потсетува на горила, предизвика бројни реакции на интернет. Имено, сликата со необичното суштество ја сподели Мајк Холстон и досега собра над 300.000 лајкови и околу 15.000 коментари.

„Ова е возрасен мажјак од алжирска риба-горила. Единките од овој вид обично растат меѓу 90 и 120 сантиметри, па ми се чини, овој јадеше мали китови во текот на зимата и ја достигна својата максимална големина. Овие алжирски риби-горили обично патуваат во јато, и тоа само во септември, кога (океанско-воздушната струја) Ел Нињо има најголема брзина“, посочи Холстон во објавата.

Сликата од „бизарното“ суштество загрижи, вознемири, заинтригира многумина. Но, брзо беше откриено дека се работи само за шега и фотомонтажа.

Американските интернет-страни за откривање факти потврдија дека фотографијата, како и приказната за оваа риба, се всушност лажни. Се работи за „Фотошоп“ спој од фока, риба и горила. Мајк и неговата страница имаат над шест милиони следачи, а тој обично споделува занимливости и факти за природата и животните.