Драган Даравелски е слободен граѓанин, му застаре делото за кое се товари

На 10 јануари годинава, по долги години престој во Србија поранешниот прв човек на Царинската управа, Драган Даравелски прв пат влезе во државава. Денес Основниот кривичен суд Скопје одлучи дека е застарена кривичната постапка за проневера на 2,5 милиони евра, а со тоа му е укината и пресудата за злоупотреба на службената положба. Во 2007 година Даравелски доби казна затвор од 7 години за проневера на пари сторена од 1999 до 2002 година. Според Кривичниот суд, апсолутна застареност на случајот со Даравелски настапила на 1 декември 2022 година.

Одлуката на Судот е неправосилна и странките имаат рок од 3 дена за поднесување на жалба.

„Судечкиот совет кој постапува по предметот со К.бр. 414/23 против обвинетиот Д.Д. постапувајќи по обвинителниот акт на ОЈО Скопје со КО бр. 1856/03 од 18.04.2005 година за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овлатување од чл. 353 ст.3 вв со ст.1 и в.в чл. 22 и чл 45 од КЗ донесе неправосилно решение со кое кривичната постапка против Д.Д. се запира поради настапување на апсолутна застареност, а пресудата со К.бр. 809/05 се укинува. Имено, по барање за повторување на постапката против обвинетиот Д.Д., доставено од неговиот бранител на 10.01.2023 година, за кое барање Кривичниот совет со решение КПОВ бр. 40/23 дозволи повторување на постапката, а истото решение беше потврдено од Апелациониот суд, беше формиран предмет со К.бр. 414/23 кој согласно АКМИС системот беше распредлен на понатамошно постапување. Претседателот на судечкиот совет, надовр од главен претрес, констатира дека е настапена апсолутна застареност за кривичното гонење, на дело сторено во период од 2001 до 2002 година со оглед да: Согласно член 353 ст.1 од КЗ објавен во Службен весник на 29.07.1996 год. а кој бил во важност за време на сторување на делотот, „службеното лице кое со искористување на својата службена положба или овластување ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета ( став 3) ќе се казни со затвор од 1 до 10 години“. Соглансно член 107 ст.1 од истиот Закон „кривичното гонење не може да се преземе кога ќе поминат 10 години од извршувањето на делото“, а согласно член 108 ст.6 од истиот Закон „застареноста на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапат онолку време колку што се бара за застареност на кривично гонење“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Даравелски долго живееше во Белград, каде беше и во екстрадициски притвор, но веднаш потоа стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.

Даравелски во Македонија поседува многу недвижнини. Откако ја помина границата на почетокот на годинава веднаш беше приведен и однесен во затворот во Идризово бидејќи за него имаше активна потерница.