Децата на возраст до 13 години се премлади за социјални мрежи

Главниот американски лекар Вивек Марти оцени дека децата на возраст до 13 години се премлади за социјалните мрежи бидејќи „сè уште го развиваат својот идентитет“. Мета, Твитер и многу други џинови меѓу социјалните мрежи им дозволуваат на 13-годишниците да се придржат на нивните платформи.

„Лично, врз основа на податоците кои ги видов, мислам дека 13 години е прерано… Тоа е возраст за која е многу важно да размислиме за тоа како тие ја перцепираат сопствената вредност и своите односи. А често изместената атмосфера на социјалните мрежи им прави контрауслуга на многу од тие деца“, кажа Марти за Си-ен-ен.

Бројот на тинејџери на социјалните мрежи предизвика тревога меѓу здравствените експерти, кои укажуваат на сè поголемиот број истражувања за штетноста која таквите платформи можат да им ја нанесат на адолесцентите.

Првиот човек на американското јавно здравство Марти ги призна тешкотиите во оневозможувањето децата да ги користат тие платформи имајќи ја предвид нивната популарност, но сугерираше дека родителите можат да остварат успех со поставување обединет фронт.

„Ако родителите можат да се здружат и да кажат дека обединети нема да им дозволат на децата да ги користат социјалните мрежи до 16, 17 или 18 години или која возраст и да ја одберат, тоа е многу поефикасна стратегија во обезбедувањето децата да не бидат рано изложени на потенцијално повредување“, кажа тој.

Ново истражување сугерира дека сурфањето по социјалните мрежи може да ја смени хемијата на мозокот на адолесцентите.

Според студијата објавена во магазинот ЏАМА педијатрикс, учениците кои редовно ги прегледувале социјалните мрежи покажале поголема неврална чувствителност во одредени делови од мозокот, поради што нивните мозоци со време повеќе реагирале на општествените последици.

Психијатрите со години укажуваат на таа појава. Докторката Едријан Стејси, која работи со тинејџери и ученици, претходно за Си-ен-ен кажа дека користењето социјални мрежи предизвикува „исфрлање допамин“ во мозокот.

„Кога правиме нешта кои предизвикуваат зависност, како употреба на кокаин или паметни телефони, нашиот мозок испушта многу допамин одеднаш. Тоа му кажува на нашиот мозок дека мора да продолжи да ги користи“, кажа таа. „Особено кај тинејџерите, тој дел од мозокот всушност е хиперактивен во споредба со возрасните. Не може да се мотивираат да прават што било друго“.

Неодамнешните истражувања покажуваат други начини на кои прекумерното време поминато пред екран може да влијае на развојот на мозокот. Кај малите деца, на пример, прекумерното време пред екран значително е поврзано со ослабување на вештините за писменост и способноста за користење експресивен јазик.