Данев е нов „бисер“ на Работнички, веќе го следат клубови од Германија и од Хрватска

Младинската школа на Работнички е позната по продуктивноста на создавање на млади талентирани фудбалери, а последен во низата е Димитар Данев, момчето кое пред неколку дена наполни 17 години и веќе сериозно се наметнува и за место во сениорскиот тим на „романтичарите“.

Станува збор за фудбалер за врска кој на 16-годишна возраст блескаше во младинското првенство на Македонија, иако настапуваше и со две години повозрасни играчи од него. За неговите квалитети најдобро говори настапот на Данев во финалето на младинскиот Куп на Македонија, каде токму овој фудбалер беше човек на одлука, постигнувајќи два гола во победата од 3-1 над составот на Шкендија.

За квалитетите на тинејџерот на Работнички сериозен интерес веќе пристигнува и од неколку клубови од странство, па така германските клубови од Германија, и тоа од првата и од втората лига веќе во неколку наврати ги следеле неговите настапи. Сериозен интерес пристигнува и од еден познат хрватски клуб, кој е задоволен од фудбалскиот развој на Данев и не ја исклучува можноста за негов трансфер во иднина.

17-Годишниот Данев веќе има зад своето име и десет настапи за младинските категории на Македонија. Најдобра опција за овој млад и талентиран играч е да остане и да продолжи да се развива соодветно во дресот на Работнички, но во секој случај радува фактот дека „романтичарите“ создаваат уште еден фудбалски бисер кој во иднина би можел да има и успешна меѓународна кариера.

Извор: Екипа.мк